Советот на ЕУ вчера донесе одлука за одобрување помош во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕФП), во износ од 13 милиони евра, наменета за зајакнување на капацитетите и способностите на македонската Армија.
„Мерката за помош ќе ги зајакне капацитетите на *Македонија за нејзино учество во операции и мисии во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии“, соопшти Советот на ЕУ.
Во соопштението се нагласува дека оваа дополнителна одлука ја илустрира се поголемата поврзаност на ЕУ со земјава во областа на безбедноста и одбраната.
„Ова ја одразува континуираната посветеност на партнерите за унапредување на нивната соработка на ова политичко поле, имајќи го предвид целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, велат од таму.
Според одлуката, ќе се обезбедат технологии наменети за разузнавање, надзор, откривање, електронско војување и сигнално разузнавање, потоа логистичка и инженерска опрема, како и комуникациски и информациски системи, а ќе обезбеди и техничка обука за користење на опремата.
Европскиот фонд за мир е основан во март 2021 година за да ги финансира активностите во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, одржување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.






