ЕУ изрази жалење што Сиљановска-Давкова не го употреби уставното име

Европската унија (ЕУ) изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, претседателката Сиљановска -Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија кога даде заклетва, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.



„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“, изјави Стано.

Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свечена заклетва во Собранието, по што го почна мандатот како претседателка на државата откако победи на претседателските избори на 8 мај. При давање на заклетвата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија.