ЕУ бара да биде вклучена во преговорите за мир во Украина

Разговорите меѓу Трамп и Путин за судбината на Украина ги разочараа најголемите европски земји.



Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Каја Калас и министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија, Обединетото Кралство и Украина издадоа вонредна изјава во која повикаа да не се изоставува Украина, а ЕУ да се вклучи во преговорите:

„Ја споделуваме целта да продолжиме да ја поддржуваме Украина додека не се постигне праведен мир. Мир кој ги гарантира интересите и на Украина и – нашите. Со нетрпение ја очекуваме можноста да разговараме за понатамошна акција со САД.

Украина и Европа мора да бидат учесници во сите преговори. На Украина мора да и се обезбедат веродостојни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е неопходен услов за стабилна трансатлантска безбедност“, изјавија министрите за надворешни работи.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така денеска изјави дека секој мировен договор за Украина мора да биде издржлив и дека сите дискусии мора да го вклучуваат Киев, пренесе Ројтерс.

„Критично е важно што и да произлезе од овие разговори да биде издржливо и одржливо“, рече Руте пред денешните разговори со министрите за одбрана од алијансата. Генералниот секретар, исто така, истакна дека е клучно „Украина да биде тесно вклучена во сè што се случува во врска со Украина“.

Синоќа, веднаш по разговорите на Трамп со Путин и Зеленски, министрите на ЕУ коментираа дека без Европа не може да има траен мир во Украина.

Трамп и Путин денеска разговарале час и половина – Кој прв ќе оди во Москва/Вашингтон?