Естонската премиерка Каја Калас во интервју за Скај њуз изјави дека западните лидери не треба да се плашат да ѝ се спротивстават на Русија и дека не треба да се плашат од сопствената моќ. Калас, чија земја граничи со северозападна Русија, рече дека сè треба да се земе предвид кога станува збор за поддршката на Западот за Украина.
„Русија вели дека овој или оној чекор е ескалација, но одбраната не е ескалација. Јас велам дека треба да ги имаме сите опции на маса. Што друго можеме да направиме за да ѝ помогнеме на Украина да победи“, праша Калас.
Коментарите на Калас доаѓаат по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој беше жестоко критикуван затоа што сугерираше дека западните трупи би можеле да бидат испратени во Украина за да помогнат во одбивањето на руската закана. САД, Велика Британија и Германија соопштија дека нивните армии нема да им се придружат на вооружените сили на Украина на бојното поле.
На прашањето дали е загрижена дека поради своите зборови може да стане мета на режимот на Владимир Путин, како рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Калас одговори дека нема да биде вознемирена. Таа ги повика сојузниците да ги игнорираат провокациите на Москва.
„Путин сака да нè заплаши. Тој сака да ме исплаши мене или Естонија и да нè натера да се воздржиме од одлуки што инаку би ги донеле за да бидеме застапници за поддршка на Украина, за единство на Западот, сè што навистина ги нервира. Не треба да се плашиме бидејќи тоа е она што го сакаат. Треба да постапиме како што е правилно“, рече Калас, која е премиерка на Естонија од 2021 година.





