ЕСМ е повторно најголем загубар – За три месеци минус од 39 милиони евра

13 од државните претпријатија во првите три месеци работеле со загуби, а 16 имале добивки, покажуваат податоците на Министерството за финансии за последниот квартал



Во ранг листа на Финансии се опфатени 29 државни АД и ЈП, а најголем загубар се државните електрани .

Нивната загуба за периодот од јануари до март годинава тежи дури 39 милиони евра, или 38,87 милиони. Загубата се должи на тоа што многу повеќе трошат отколку што остваруваат. По ЕСМ, втор загубар е „Железници инфраструктура“ , а малку подобро котира „Национални шуми“. Како што пренесува Фактор.мк за три месеци загубиле околу 2,34 милиони евра.

Веднаш зад нив се  ЈП Железници Транспорт, чија загуба за првиот квартал од годинава достигнала 1,5 милиони евра.

Акционерското друштво за контрола на летање М-НАВ, за првото тримесечје прикажало исто така дебела загуба од 1,01 милиони евра, а зад него, на шесто место, за првиот квартал од годинава се најде ЈП Стрежево, со „силен“ минус од 855 илјади евра.

Многу подобро не е ниту ЈП „Водостопанство“, кое долг период мака мачи со загубите, и чиј минус за првиот квартал е 841 илјади евра.

ЈП Злетовица има загуба од над 567 илјади евра, а зад неа е, и „Македонска пошта“, со минус од 457 илјади евра.

Во групата загубари влезе и МЕПСО, преносниот оператор, иако нивната загуба е потолерантна и за првите три месеци од годинава изнесува 137 илјади евра.

Од „добитниците“, пак, најдобро е ЈП за државни патишта, чија добивка само за три месеци е 3,5 милиони евра, веројатно од наплата на патарини, но и преку нив оди реализацијата на проектот на „Бехтел и Енка“.

Солидна добивка направил и нивниот „брат“ – ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, чија добивка изнесува 2 милиони евра за првиот квартал.

АД Номагас, кое управува со гасоводот и е оператор за пренос на гас, за три месеци направиле добивка од 1,46 милиони евра, која е солидна.

И вреди да се спомене дека во плус, иако скромна добивка од 83 илјади евра, е ДООЕЛ Нафтовод, косопственик на македонско грчкиот нафтовод, кој неодамна доби лиценца за работа.

Извор: https://faktor.mk/eve-so-kakvi-golemi-zagubi-na-drzavnite-ad-i-pretprijatija-kje-se-soochi-novata-vlast—kako-esm-natrupa-minus-od-39-milioni-evra-za-tri-meseci