Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра во четвртата група од новото натпреварување Лига на нации, каде што главен ривал ќе ѝ биде Ерменија, а другите противници во Д-нивото се Лихтенштајн и Гибралтар.



Натпреварите ќе се играат од 6-8 септември годинава, за кога е закажано првото коло, до 18-20 ноември 2019 година, кога ќе се одигра шестиот и последен круг. Победникот на групата, ако во меѓувреме не се изборил за настап на Европско првенство 2020 преку квалификациите, ќе има шанса тоа да го стори преку фајналфор-турнир со победниците на другите три групи. Првата ја сочинуваат Грузија, Летонија, Казахстан и Андора, втората Белорусија, Луксембург, Молдавија и Сан Марино, а третата Азербејџан, Фарски Острови, Малта и Косово. Разигрувањето за едно место што води на ЕП е предвидено за март 2020 година и само најдобрата селекција од тој турнир ќе избори учество на еврошампионатот.

Покрај втора шанса за пласман на ЕП, ако не се искористи првата преку стандардните квалификации, награда за победниците на четирите групи е и промоцијата во нивото Ц за следното издание на Лига на нации во 2020 година.

Денешната ждрепка во Лозана во најквалитетното ниво А ги смести Германија, Франција и Холандија во првата група, потоа Белгија, Швајцарија и Исланд во втората, Португалија, Италија и Полска во третата, како и Шпанија, Англија и Хрватска во четвртата.

Во нивото Б првата група се состои од Словачка, Украина и Чешка, втората од Русија, Шведска и Турција, третата од Австрија, Босна и Херцеговина и Северна Ирска и четвртата од Велс, Република Ирска и Данска.

Првата група од нивото Ц ја пополнија Шкотска, Албанија и Израел, втората Унгарија, Грција, Финска и Естонија, третата Словенија, Норвешка, Бугарија и Кипар и четвртата Романија, Србија, Црна Гора и Литванија.

Освен можностите за одигрување дополнителни натпревари покрај квалификациските за Светско или за Европско првенство и за изборување пласман на ЕП преку ова новоформирано натпреварување, Лига на нации нема целосно да ги замени пријателските средби, но тие во иднина најчесто ќе се играат против репрезентации од другите континентални фудбалски конфедерации.