Екстремно загаден воздух во Скопје, но и во повеќе македонски градови

Екстремни нивоа на загаденост на воздухот се измерени во повеќе македонски градови. Според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, најкритична е состојбата во Кавадарци, каде се измерени над 500 микрограми ПМ10-честички на метар кубен, што е осумпати повисоко од дозволеното и спаѓа во загаденост која претставува директна опасност по здравјето. Концентрацијата на ПМ2.5 честички во Кавадарци вечерва е 12 и пол пати повисока од дозволената (313 микрограми на метар кубен).



Концетрацијата на опасните Пи-Ем честики во Скопје и понатаму останува висока. Скопје денеска беше на 14-то место на листата на најзагадени градови во светот. Министерот за екологија Изет Меџити рече дека е познато дека најчести причинители на загадувањето се индустриите и домаќинствата. Меџити нагласи дека инспекторите се на терен и ќе бидат изречени парични казни за сите одговорни.

Во 18 часот во Кавадарци се измерени алармантни 504 мигрограми на метар кубем ПМ10 честички, во Струмица се измерени 220, во Куманово 192, во Охрид 205, додека во Гостивар се измерени 113 мигрограми на метар кубен ПМ10 честички, според мерните станици на Министерството за животна средина.

Ситуацијата е алармантна и во Скопје, каде што најмногу загаденост покажува станицата во Лисиче, 218 ПМ10 честички, додека станицата кај Ректоратот покажува 191.

Претходно во текот на денот, директорот на Светска банка за Косово и Македонија, Масимилијано Паолучи изјави дека граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички во споредба со луѓето кои живеат во Западна Европа. Според него загадениот зводух убива по околу 2.800 жители годишно во земјава. Според Паолучи постигнат е напредок од 1990тите, но загаденоста на воздухот е се уште висока, особено во зимските месеци.