„Владата продолжува и натаму да им нанесува штета на Тетово и неговите граѓани, овој пат донесувајќи одлука за прекинување на работите на стадионот на градот Тетово. Стадионот ќе се гради! Со такви одлуки нема да не сопрете да работиме за нашите граѓани.“ – ова е експресната реакција на градоначалникот на Тетово Билал Касами на неговиот фејсбук-профил, која ја пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, откако Владата на Република Македонија заклучи да ѝ укаже на општина Тетово да ја прекине градбата на новиот градски стадион се до правната разврска на случајот.
Почитувајќи ги законските одредби за изборен молк спроти гласањето на 22 мај 2024 година во рамки на парламентарните избори, редакцијата на „Експрес“ ги пренесува само оние делови од реакцијата на Билал Касами, со кои не се нарушува изборниот молк, бидејќи Касами како лидер на една албанска политичка партија едновремено ѝ упатува и соодветна порака на албанската партија, која учествува во владината коалиција.
Инаку, по побарано мислење од Уставниот суд, Владата го разгледа случајот со користењето и случувањата околу новиот стадион во Тетово и заклучи да се испрати укажување до Општина Тетово да се прекине со работите на теренот се до правната разврска на случајот. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно со Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај. Во разгледувањето Владата ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со стадионот, каде што е посочено дека новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово.
Општината, како што е наведено, без законска основа го дала стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, Билал Касами, градоначалникот на Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“ на јавен настан го претставиле проектот за уривање и изградба на нов градски стадион. Владата ги зела предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Според тие одредби од споменатиот закон, само Владата има право да дава на трајно користење ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и да утврдува престанок на корисничкото право.





