Експертот Јанев бара прекин на преговорите и под уставно име во ОН

Македонскиот дипломат и експерт за меѓународно право Игор Јанев реагира на изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека неговата држава има проблем со употребата на терминот Република Македонија, оставајќи коментар под написот на expres.mk.
„Се покажува дека од правна гледна точка признавањето држави има исклучиво политичка димензија и дека секој, од кои било причини, може да признае или да не признае некоја држава и оти и тоа е суверено право на секоја земја. Но, од друга страна, како што суверено право на САД е да го признаат Ерусалим (за главен град на Израел – н.з.) или, на пример, Србија да го повлече признавањето на РМ, така суверено право на Македонија е и: 1. Да не преговара за своето суверено право со друга држава, која ја обвинува на политичка основа, односно да отфрли дека постои спор за едно суверено право или неотуѓиво право, 2. Да побара продолжување на членството во ООН под Република Македонија (во Генерално собрание на ОН), користејќи го своето суверено право и суверените права на другите држави (како и нивната политичка волја)“, пишува во коментарот, за кој претпоставуваме дека е автентичен, на специјалниот советник на министерот за надворешни работи на Македонија од 2001 до 2002 година, по што станува државен советник во МНР.  
„Случајот со Ерусалим покажа дека, и покрај ветото и блокадата на САД во Совет за безбедност на ОН, прашањето стигна во Генерално собрание на ОН и се донесе резолуција против САД, со која ОН не го признава Ерусалим за главен град на Израел! Ако секоја држава може, како на пример Србија, да ја промени својата одлука за признавањето, така со добра волја (и добро подготвена резолуција во ОН) државите во Генерално собрание на ОН, независно од ставот на која било голема сила (па и САД), можат да ја признаат Македонија во ООН како Република Македонија“, продолжува човекот што се смета за најзаслужен за признавањето на Македонија под уставното име од САД во 2004 година.
„Да се потсетиме: органот што донесе одлука за референцата БЈРМ беше Генерално собрание на ОН (а не Советот за безбедност на ОН, кој само даде предлог до Генерално собрание на ОН). ГС на ОН имаше овластување предлогот од Советот за безбедност на ОН да го одбие или да го преформулира и да ѝ даде на Македонија членство под уставното име. Но, бидејќи никој од Македонија не сакаше во 1993 година да даде приговор или мислење, речиси без дискусија и автоматски ГС на ОН ја прифати во целина формулацијата на СБ на ОН“, констатира Јанев. „Тој што ја дал деноминацијата (референцата) БЈРМ, а тоа е Генерално собрание на ОН, тој може и да ја промени одлуката и да продолжи членството на Македонија во ОН како Република Македонија“.