Актуелната претседателка на ДКСК мора итно да си поднесе оставка зошто вака ја инфицира институцијата која мора сега да се прочисти. Ова го изјави екс-претседателката на Антокорупциската комисија Билјана Ивановска, чииј мандат и состав на Комисијата ги доби сите позитивни критики особено од меѓународниот фактор за работата. Таа потенцира дека на потег е Собранието,да се види какви контроли треба да се преземат а не да се седи со скрстени раце.

- „Ние веќе работевме на зголемување на интегритетот на оваа институција. Имаме регистар на ризици од корупција и мерки за нивно надминување. Сега тоа треба да се преиспита, да се утврдат високите ризици, какви контроли треба да се воведат и слично“, изјави Билјана Ивановска.
Владимир Георгиев, поранешен член на антикорупциската комисија, исто така смета дека одговорноста во ДКСК треба да биде индивидуална потенцирајќи дека сега клучно е дали Димитровска ќе си даде оставка или не.

Од ДКСК уверуваат дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност.
- „Свесни сме за важноста и значењето на довербата од јавноста. Затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК.“ – велат од ДКСК.
Само оставка од страна на претседателката ќе овозможи ДКСК да продолжи да работи според принципите со кои е основана и да ги врати угледот и довербата на јавноста, заклучуваат експертите.





