Експреговарачот Јолевски апелира за заштита на идентитетот во разговорите за името

Поранешниот амбасадор на Македонија во САД и преговарач за името Зоран Јолевски по средбата меѓу актуелните преговарачи на Македонија и Грција со медијаторот Метју Нимиц бара заштита на македонскиот идентитет и дигнитет на граѓаните на земјата.



„Потребно е да се вложат сите напори во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за да се најде заемно прифатливо решение околу спорот со уставното име, кое ќе ги заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија“, вели Јолевски за Македонска информативна агенција (МИА).

Јолевски, кој беше македонски преговарач од ноември 2008 до јуни 2014 година, како позитивна ја оценува и најавата дека преговарачите секој месец ќе се среќаваат со Нимиц. Според него, сега е најважно да се види дали и кај грчката страна постои подготвеност да се најде решение во контекст на позитивните изјави оттаму во последно време.

Сепак, за Јолевски, рано е да се дава оценка за целокупниот процес.