„За да ги задржиме лекарите и здравствените работници тука, мора да добијат конкурентни услови за работа и плати како во европските земји. Треба да им понудиме соодветна поддршка и усовршување, повисоки плати и почитувана позиција во општеството. Не смееме да губиме здравствени работници“.
Ова го порача поранешниот министер за здравство а сега носител на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 4, Венко Филипче кој заедно со Соња Мираковска од НСДП вчера остварија средба со доктори во Неготино.
Како што рече, СДСМ била првата политичка партија во Владата која повеќекратно ги зголеми платите во здравствената дејност, конкретно на здравствените работници, медицинските соработници и на техничкиот персонал.
„Планираме уште едно драстично зголемување на платите: Докторите специјалисти да имаат плата од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори плата од 120.000 денари, а медицинските сестри плата од 60.000 до 90.000 денари“, рече д-р Филипче.





