Охрабрен од САД и  ЕУ (предводена од Германија), „Нимиц планира да го интензивира и надгради процесот преку организирање разговори на ниво на министри за надворешни работи – а можеби и на премиери – бидејќи знае дека министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров е повеќе резервиран за ова прашање, зашто со години беше претставник на Скопје во разговорите.



Заев, од друга страна, вели дека е подготвен за компромис“, констатира во коментар грчкиот „Катимерини“ и постестува дека македонскиот премиер изјавил дека е подготвен да ја плати политичката цена, дури и ако тоа значи да се изгубат следните општи избори за да се направат компромиси што ќе ги отворат вратите за членство на балканските земји во Европската унија и во НАТО.

Имајќи предвид дека спорот е деликатен за двете земји, медијаторот Метју Нимиц разбирливо ќе посвети особено внимание на реакцијата на јавноста во двете земји и на ставовите на опозицијата.

Во Грција, постои загриженост за ставот на владиниот помлад коалициски партнер, десничарската националистичка партија, Независни Грци. Постои загриженост и за реакцијата на опозициската Нова демократија, партија која ги вклучува и попрагматичните либерални политичари и поконзервативни, кои не се сигурни дека ќе го поддржат решението.

„Во случајот со БЈРМ, главната главоболка е опозиционата десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ. Оставката на долгогодишниот лидер на опозицијата, Никола Груевски, предизвика надеж, но многу ќе зависи од тоа кој ќе го наследи како шеф на партијата.

Неодамнешните коментари на Заев дека доби позитивни сигнали од опозицијата создава оптимизам, но е премногу рано да се каже“.

Сложено име со географска одредница најверојатно ќе биде решение за долгогодишниот спор со името меѓу Скопје и Атина, но во оваа фаза, медијаторот Нимиц нема да понуди конкретно име иако неговиот последен предлог, „Република Северна Македонија“ е се уште на маса, се вели во коментарот и потсетува на претходните предлози „Република Горна Македонија“ и „Република Вардарска Македонија“.

Најголем камен за сопнување бил обемот на употребата на новото име. „Атина инсистира на взаемно прифатеното име што ќе го користат сите и за сите цели – што, се разбира, би било најпрактично решение“ констатира „Катимерини“ и додава дека појдовната точка на преговорите во „ривалскиот камп“ е име кое ќе се користи во билатералните односи – што не било прифатливо за Атина.

Она што е извесно е дека странските официјални лица сфаќале дека сложено име ќе биде она што ќе се користи на меѓународно ниво пишува коментаторот и потсетува дека „Вашингтон и другите клучни влади се изјасниле дека ќе усвојат какво било име, за да се излезе од преговорите“, такво со кое ќе бидат затворени голем број прашања, вклучувајќи ги идентитетот и јазикот.