Во Франција се одржува вториот круг од парламентарните избори кои претседателот Макрон ги распиша по поразот на европските избори. Сите се обединети против десницата на Ле Пен и потенцијалниот нов премиер, Џордан Бардела.
Евроскептичната, антиимигрантска партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен беше најуспешна во првиот круг од изборите со освоени над една третина од гласовите, што го отвори патот за првата француска екстремно десничарска Влада по Втората светска војна.
Но, поради специфичноста на францускиот изборен систем, првиот круг не е одлучувачки, Франција е поделена на 577 изборни единици и во секоја се избира по еден претставник. За влез во парламентот во првиот круг потребно е апсолутно мнозинство гласови. Инаку, во вториот круг влегуваат сите кандидати кои ќе освојат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.
Во првиот круг беа избрани само 76 претставници, а во сите други единици во вториот изборен круг требаше да се водат четворобои, тробои или двобои. Системот, сепак, им овозможува на партиите од центарот, левицата и либералите тактички да се договорат и да го остават во трка само кандидатот кој има најдобра позиција да победи против кандидатот на РН, а другите да ги повлечат и со тоа да го спречат трошењето на гласови.
Бидејќи „мејнстрим“ партиите успеаја да се договорат за заеднички настап против РН, анкетите предвидуваат дека бројот на екстремно десничарските претставници ќе биде помал од првично очекуваниот. Марин Ле Пен не се откажува и тврди дека „републиканскиот фронт“ на главните партии покажува презир кон нејзините гласачи и затоа ги повикува масовно да излезат и во вториот круг од изборите.
Утринава во 08:00 часот беа отворени избирачките места за вториот круг од предвремените парламентарни избори.
Една недела по првиот круг околу 49 милиони гласачи запишани во избирачките списоци можат да гласаат во вториот круг од парламентарните избори, а проценките и резултатите ќе бидат објавени од 20 часот, јавува БФМ ТВ.
Времето на затворање на избирачките места варира, а според веб-страницата service-public.fr, избирачките места треба да бидат затворени во 18:00 часот, но секоја префектура може да донесе уредба со која може да го одреди датумот на затворање на гласањето порано или подоцна, па така, на пример, во големите градови често може да се гласа до 20:00 часот.





