Ова е ставот на матичната партија на Артан Груби, откако вчера беше објавено дека неговото име се најде на „црната листа на САД.
Груби беше главен координатор за изградбата на Коридорот 8
„Ја почитуваме одлуката на Стејт департментот на САД“, соопштија во кусото соопштение од ДУИ.
Покрај Груби, висок функционер и поранешен прв вицепремиер, на американската „црна листа“ се најде и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети, поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната УБК, Сашо Мијалков.
Во писменото соопштение испратено до медиумите, од ДУИ додаваат:
„Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста.“
Груби беше прв вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, партии кои се најдоа во опозиција по овогодишните парламентарни избори, а судијата Енвер Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. 360 степени





