ДУИ со критики кон премиерот Христијан Мицкоски. Реагираат дека „вчерашната негова изјава јасно ја откри намерата да го деградира официјалниот статус на албанскиот јазик, претворајќи го во застарена и неприфатлива формула, како што беше во Законот од 2008 година, каде албанскиот јазик се користеше само на барање на Албанците и преку пополнување на посебни формулари“.
Според ДУИ, ова е отворен обид да се укине правото на јазик гарантирано со Уставот и Законот за употреба на јазиците од 2018 година, со што албанскиот стана официјален јазик во сите централни институции.
-Сега е јасно дека власта не ја препознава оваа реалност и подготвува терен за укинување на овој закон преку Уставниот суд. За ДУИ ова е неприфатлива постапка и нема да дозволиме албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус и да биде условен од бирократијата или нечија политичка волја. Ќе ги искористиме сите политички, правни и демократски средства за да се спротивставиме на ова назадување и да ги браниме нашите тешко стекнати права. Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и обединети да застанат против овој обид за намалување на политичкиот и правниот статус на Албанците, велат од партијата на Ахмети.





