„Демократската унија за интеграција ќе излезе на терен од септември, откако вчера на Централното претседателство во Мала Речица е разгледан нацрт-извештајот на Пол Вилијамс, кој беше ангажиран од интегративците, за да изнајде решение за почитувањето на легитимитетот.“ – изјави за ТВ 21 потпретседателот на партијата Арбер Адеми, кој посочи дека планираат одржување централна манифестација на 13 август, а од септември ќе имаат активности на терен. Сепак тој не прецизираше за какви активности станува збор и дали се тоа протестите, кои извесен период се најавуваат.
ТВ 21 пишува: „Нацрт-извештајот беше разгледан, беше анализиран и беше коментиран за предлог-идеи. Ги правиме последните консултации и коментари во однос на предлогот. Го разгледавме првиот нацрт на платформата за легитимност подготвена, од Пол Вилијамс , како и други идеи од експерти од земјата и членови на Централното претседателство на партијата. Расправата за ова многу важно прашање продолжува поради сериозноста на регулирањето на прашањето на легитимитетот. Решивме централната манифестација да ја одржиме на 13 август. Одлучено е и од септември ДУИ со сите свои капацитети да излезе на терен, од Струга до Сопот.“ – рече Адеми.
По одржувањето на претседателството на ДУИ, од коалицијата ВРЕДИ се огласија со став дека партијата на Ахмети прави се, за да ги заштити своите криминални членови. „ДУИ дејствува како криминална организација, која размислува на деструктивен начин, за да ги заштити своите поранешни корумпирани функционери. Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потценува. Тие знаат дека Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и нивната компанија немаат никаква грижа за Охридскиот рамковен договор, туку се грижат само за нивниот нелегално стекнат капитал.“ – изјави Фари Исени од коалицијата ВРЕДИ.
Коментирајќи ги барањата на ДУИ за спроведување ветинг на сите политичари изминативе 30 години, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е само политички маневар за избегнување одговорност. „Ова е маневар на ДУИ и СДС, за да можат секоја постапка, која би се отворила против член на нивното раководство, да ја претстават како партиска пресметка и да убедуваат луѓе, нивни симпатизери да протестираат, поради тоа што тие се наводно репресирани. Затоа, наместо вакви детски игри, кои им поминувале кај нивните измеќари од СДС, ние велиме дека оваа држава има закони за се, за ветинг, за потекло на имот, за злоупотреба на службената положба за перење пари и за трговија со влијание.“ – изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, за барањето за спроведување, како што велат од ДУИ, меѓународно мониториран ветинг е политика на интегративците на која инсистираат од претходно. Низ овој ветинг тие бараат да поминат сите политичарите во изминативе 30 години, но и судии и обвинители, како и учесниците во процесот на приватизација кој беше спроведен по осамостојувањето на државата.





