„Посакувам во надворешната политика на добрососедство, претседателот и идната Влада во Скопје да ги стават повисоко Тирана и Приштина, заедно со Софија и Атина, одошто Белград. Посакувам претседателот на државата и идната Влада да бидат заевропски, демократски, напредни. На Косово, но и на регионот на Западниот Балкан во целина, им е потребна * Македонија како политички чинител, кој во овие времиња на секојдневно и систематско соочување со агресорска Србија ќе стои силно до Косово.“ – ова е предизборната порака на премиерот на Косово и лидер на тамошната владејачка партија Ветвендосје (Самоопределување) Албин Курти, која синоќа во негово име ја прочита Беким Ќоку на предизборната средба со албанската дијаспора во Берлин, Германија, и во Цирих, Швајцарија. Ова најново дрско мешање на Курти и Ветвендосје во внатрешните работи на суверена Република Македонија и негово „делење лекции“ каква „добрососедска политика“ да води Македонија е практично истото, што го кажа на митингот во Тетово, каде што присуствуваше на 12 август 2023 година, дочекан и претставен како „премиер на сите Албанци“ со истакнато големо знаме со мапа на „Велика Албанија“. Тогаш во Тетово Курти имаше кажано: „Македонија треба да биде колку е можно поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија, која не се дистанцира од Милошевиќ и од Путин. Вака Македонија ќе биде колку е можно поблиску до влез во Европската Унија, а Балканскиот регион ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да ѝ помагаме на Македонија и ќе ја подржуваме.“ Вчерашната, најнова пораката на Курти ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од Скопје.
Политичкиот советник на Курти и претставник на Ветвендосје во Македонија Беким Ќоку, кој е едновремено и еден од тројцата кандидати на таа косовска партија за пратеник на парламентарните избори во Македонија во состав на изборната листа на албанската опозициска коалиција „Вреди“, го објави на својот фејсбук-профил целосниот говор на Курти, што го прочита во Берлин и Цирих во негово име.
Покрај другото, Албин Курти порачал: Почитувани политички лидери Арбен Таравари, Билал Касами, Изет Меџити, Африм Гаши и Беким Ќоку: не можам да бидам вечерва со вас во Берлин и Цирих, поради моите обврски како премиер на Косово и претседател на Ветвендосје (Самоопределување), кои ме оневозможија овојпат да бидам со вас. Но ве поздравувам од Приштина. Во Косово го спроведуваме пописот на населението, кој започна пред две недели и ќе трае до 17 мај. Знам дека на последниот попис во * Македонија Албанците се 29,5 отсто од населението.
На Косово, но и на регионот на Западниот Балкан во целина, им е потребна * Македонија како политички чинител, кој во овие времиња на секојдневно и систематско соочување со агресорска Србија ќе стои силно до Косово.
Гласајте масовно на претседателските и парламентарните избори. Ви посакувам тие да ви бидат слободни и демократски, коректни и добри. Посакувам претседателот и идната Влада да бидат заевропски, демократски, напредни. Посакувам силно да се поддржи најбрзата можна изградба на патот со тунел под планината Шара, што го поврзува Призрен со Тетово, намалувајќи го времето на патување на половина.
Посакувам претседателот и идната Влада да излезат од таканаречениот „Отворен Балкан“, кој се роди во Нови Сад. Иницијативата „Отворен Балкан“ не е доволно европска. Европскиот Балкан, што го сакаме и кој ни треба, е доволно отворен. Посакувам во надворешната политика на добрососедство, претседателот и идната Влада во Скопје да ги стават повисоко Тирана и Приштина, заедно со Софија и Атина, одошто Белград. Му верувам на мојот пријател и ваш претседател Арбен Таравари и по ориентацијата и неговиот карактер. Новата енергија е добредојдена на албанската политичка сцена од повеќе причини.





