Премиерот Христијан Мицкоски деновиве му прати порака на копретседавачот на Мешовитата комисија за историски прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев, како и на членовите, дека недоволно ги штителе и се залагале за македонските национални интереси, но и дека коленичел пред министерски и премиерски кабинети.
Ѓоргиев во интервју за Сител изјави дека од септември тој и неколку други членови не сакаат да бидат веќе дел од Комисијата, незадоволен од односот на власта.
„Мислам дека премиерот ги навреди членовите на Комисијата. Членовите на Комисијата 6-7 години работат во таа Комисија, тоа се академски граѓани кои успеаја да изградат еден свој интегритет во македонското општество без разлика на сите оние манипулации и шпекулации неаргументирани за нивната работа“, вели Драги Ѓорѓиев.
Ѓоргиев рече и дека односот во Комисијата е блокиран кај и ликот и делото на Гоце Делчев бидејќи бугарската страна одбива да прифати во текстот за евентуално заедничко чествување да стои дека Делчев е национален херој на македонскиот народ.






