Само Европа го штити преживувањето на македонска држава од ново катастрофално отворање на македонското прашање
Без многу возбуда бугарскиот печат ја проследи посетата на грчкиот министер за надвореши работи, Никос Коѕијас на Скопје, истакнувајќи го делот дека министерот домаќин, Никола Димитров, од официјална Атина побарал да биде препознаена новата реалност со доаѓањето на новата власт во Македонија.
Во тој контекст и пред средбата Коѕијас – Димитров, дел од печатот на источниот сосед потсети на потпишаниот Договор за добрососедство. Министерот Димитров во пресрет на средбата со грчкиот колега изјави дека Македонија успеала од Бугарија, која претставувала пречка на патот кон ЕУ да добие поддршка за иднината на Република Македонија и дека ист таков однос очекува и од Атина.
Но, со Грција работите се чини ќе одат потешко. Имено, Коѕиас во Скопје повтори дека Грција ќе биде подготвена да ја поддржи кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, но само откако ќе бидат исполнети сите предуслови за членство навлегува во детали, пренесуваат бугарски медиуми.
Македонија и нејзината иднина беше прилично застапена тема во бугарските медиуми во текот на изминатиот период, меѓу другото и со пренесени текстови за „кревката држава“ од странски медиуми.
Македонија се соочува со притисоци од најразлични страни и се обидува да го избистри и зачува својот идентитет. ЕУ мора итно да и помогне, бидејќи во спротивно, „македонското прашање” може да доведе до катастрофална експлозија, ги пренесе бугарскиот печат стравовите на Андреас Ернст, аналитичар од швајцарскиот „Ное Цирих цајтунг“.
Ернст, поаѓа од заклучокот дека кога една земја прифаќа закон за јазикот, обично не станува толку збор за меѓусебното разбирање помеѓу нејзините граѓаните, колку што е во прашање колективниот идентитет.
Во Македонија, речиси една четвртина од 2,5 милиони македонски граѓани зборуваат албански. Сега новиот закон предвидува албанскиот јазик да биде втор официјален, заедно со македонскиот”, пишува Андреас Ернст и потсетува на тензиите меѓу Албанците и Македонците во последните дваесетина години.
Не е лесно со Албанците да изградите мултиетничка држава: тие се демографски најмладата – а по Србите и најмногубројна – нација на Балканот, која е во константен пораст. Албанците во матичната Албанија се ослободија од сталинистички јарем на Енвер Хоџа, во Косово си создадоа втора држава, а во Македонија, чекор по чекор го зголемуваат своето влијание, вели Ернст.
Во исто време токму оваа земја за многумина Албанци е само превозно средство, кое ќе ги однесе во ЕУ. А доколку тоа не се случи, од немајкаде ќе тргнат кон обединување кое ќе ги собере Албанците под еден покрив, вели Ернст, потсетувајќи на една неодамнешна закана на албанскиот премиер Еди Рама, со заклучок дека тоа би претставувало крај на Македонија.
“Македонското прашање” повремено предизвикуваше конфликти меѓу соседите, честопати поттикнати од големите сили. Оваа ситуација е присутна и денес, уште повеќе, поради Русија и Турција кои повторно вршат влијание врз Балканот. А, само Европа го штити преживувањето на кревката македонска држава од нова катастрофално отворање на македонското прашање, вели Андреас Ернст.





