Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија Тимчо Муцунски утре, на 13 јуни 2025 година, ќе му биде домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на земјава. „Разговорите ќе бидат насочени кон можностите за унапредување на заемната соработка меѓу двете земји. Тие во изминатиот период остварија силна и плодна соработка, како и постојан подем на трговската размена и тридецениското пријателство.“ – соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија.
Од македонското МНР додаваат дека во рамки на посетата се очекува потпишување договор за стратегиска соработка меѓу владите на двете држави, како и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата „Унгарско стипендирање“ („Stipendium Hungaricum“) за периодот 2026–2028 година.
Во март годинава премиерот Мицкоски и министрите беа во Будимпешта, каде што учествуваа на унгарско-македонскиот владин самит. Во септември минатата година во Охрид се одржа заедничка меѓувладина седница, на која беше потврдено стратегиското сојузништво меѓу двете држави. Беше реафирмирана унгарската поддршка на македонскиот пат кон интеграција во ЕУ. Македонија и Унгарија во октомври потпишаа и договор за кредитно задолжување, со што земјава зема заем од милијарда евра.
Интензивната соработка, што двете земји ја развиваа во изминатиот период, е потврда за стратегиското партнерство и заедничката заложба за унапредување на дијалогот и натамошно динамизирање на секторската соработка. Посебно се истакнати одличните економски врски, потврдени со фактот дека Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери и инвеститори во Македонија. Унгарија континуирано и недвосмислено ја поддржува Македонија за европската интеграција, која беше особено видлива за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
Home Македонија Договор за стратегиска соработка и Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Унгарија...






