Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита утрово, пред Работничкиот дом (ССМ), го почна најавениот протест за неселективно вработување, усогласување на платата согласно Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата.

– Со протестот сакаме да го искажеме нашето незадоволство од непотпишаниот анекс на Колективниот договор и да укажеме на неминовноста, односно неопходноста од неговото потпишување веднаш по формирањето на новата влада, изјави Љубиша Каранфиловски.
Иако од кадровски аспект јавното здравство одамна е со една „скршена нога”, грижата за оние кои остануваат во земјата не е на соодветно ниво, кога станува збор за вреднување на трудот.
„Со тапкање по рамо, и со благодарам, не се поминува месецот“, се жалат здравствените работници, кои незадоволството ќе го искажат во 10 часот пред Министерството за здравство. Тие се револтирани затоа што пред распишувањето на изборите не се потпишал анексот на колективниот договор, со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста.

Еден ден по Светскиот ден на здравјето, протестот го организира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита поддржан од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Протестот под мотото „Здравството на протест за плата“, од Работничкиот дом ќе продолжи кон Министерството за здравство каде се предвидени изјави на претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Протестот е поддржан од Сојузот на синдикатите на Македонија. Паралелно, денеска, здравствените работници ќе излезат на протест и пред здравствените домови низ државата.





