До кога кај нас животниот стандард ќе каска зад ценованата куповна моќ?!

На бранот поскапувања никако да им дојде крајот. Граѓаните и понатаму не можат да кренат глава од секојдневните нови, повисоки цени на производите. Трошоците за живот во јули на годишно ниво пораснале за 3%, цените на мало пак за 3.9 отсто. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесува 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележал раст од 1.5 отсто. Луѓето се на ставот дека од месец во месец имаат се помалку пари, примањата исти, цените до небо.



Зголемувањето на инфлацијата во јули 2024 година во однос на јуни 2024 година е резултат на зголемувањето на трошоците на живот во следните групи: ресторани и хотели 5,8, транспорт 4,9 отсто, рекреација и култура 1,2 отсто, здравје, разновидни стоки и услуги 0,6 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива 0,3 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици 0,1 проценти.

Во јули 2024 година во однос на јуни 2024 година намалување на трошоците на живот е забележано во следните групи: облека и обувки 0,5%, храна и безалкохолни пијалаци 0,2 %, комуникации 0,1 %.

Во последниот извештај од областа на цени државниот завод за статистика поскапување регистрирале кај повеќето категории додека пак намалување имало за облека, комуникации, храна и безалкохолни пијалоци. За мебел, покуќнина, одржување на домаќинствата и образование се на истото ниво од претходниот месец.

Поскапувањето на производите кои редовно се набавуваат придонесува во континуитат да се намалува куповната моќ, со што паѓа квалитетот на живот на граѓаните. Се купува тоа што е поевтино, овошјето и зеленчукот како прва асоцијација за здрава храна стана вистински луксуз, посетата на културни манифестации за многумина е научна фантастика, транспортот е се поскап, се купува најосновното и најнеопходното за преживување.