Директорот на управата за извршување на санкции Александар Пандов за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој иако треба да биде во затвор не е, рече дека од Судот добил условен прекин поради здравствени причини.
- Проверив за него. Тој има добиено условен прекин, до кога не знам, но тоа судот му има одредено поради здравствени причини. Тоа не е прекин кој што го дава Управата туку Судот и има овластување Судот тоа да го направи, рече Пандов.
Бојан Јовановски или познат како Боки 13 доби прекин на издржувањето на казната уште минатата година.

Јовановски беше осуден на 9 годишна затворска казна во случајот „Рекет“, а досега во затвор помина 4 години.. Во ова време, тој често беше хоспитализиран поради компликациите што ги има по операцијата на желудникот, а пред неколку месеци му беше направен уште еден ризичен оперативен зафат во поранешната Градска болница.
Тој потоа беше вратен во келија во здравственото одделение на затворот, за која Народниот правобранител констатираше не ги задоволува условите за издржување на затворска казна, особено критикувајќи ги лошите хигиенски услови.





