Директорот на Геријатрија зел мито од 20.000 евра, па го уапсиле

Приведен е Мухсин Арифи директорот на Специјализираната болница за геријатриска медицина „13 ноември“ Скопје. Се сомничи дека со уште еден посредник зеле мито за да примат пациент. Првичните информации говорат дека станува збор за поткуп од околу 20.000 евра.



  • „Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи, се уапсени два лица под сомнение за кривични дела, примање мито и примање награда за незаконско влијание. Се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот“. велат од Јавното обвинителство.

Директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, беше избран за директор на Геријатриската болница во јули минатата година кога на чело на Министерството за здравство дојде Арбен Таравари. Претходно ја извршуваше функцијата директор на психијатриската болница. Мухсин Арифи истовремено ја извршувал и функцијата на претседател на огранокот на АА на Таравари во Сарај.

Во првичната реакција, АА вели дека ова е спротивно на принципите кои ги претставуваат, барајќи од органите на прогон праведност без селекција. АА во соопштението вели дека остануваат посветени на борбата против корупцијата и реформата на државниот систем.

Во Клиниката за Геријатрија се примаат пациенти постари во потешка здравствена состојба. Се лекуваат пациенти со малигни заболувања, како и пациенти со хронични прогресивни и трауматски заболувања. Инаку, Арифи беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.