По денешната средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и генералниот директор за европска соработка во МНР на Кралството Холандија, Матијс ван дер Плас, двајцата дипломати разменија подароци.
Министерството за надворешни работи на Македонија од Холандија доби подарок – типичен холандски велосипед.
Во септември Европа ја одбележува неделата на мобилност, а со овој гест Димитров и Ван дер Плас испраќаат порака за подобрување на безбедноста и условите за возење велосипед во Скопје и останатите градови во Македонија, стои во соопштението на МНР.
Кралството Холандија и Македонија континуирано разменуваат искуства на ова поле, благодарение на традиционално богатата велосипедска култура во Холандија.
Преку инвестирање во велосипедската инфраструктура се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот и директно се влијае врз обезбедување на почист воздух и поздрава животна средина за сите граѓани.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија преку својот пример и директна поддршка ќе продолжат да се залагаат за враќање на вело-културата во Македонија, се вели во соопштението објавено на официјалната страница на МНР.
Во март годинава, МНР доби подарок велосипед и од Кралството Данска. Тогаш, нерезидентната амбасадорка на Кралството Данска во Македонија, со седиште во Виена, Лиселоте Плеснер му подари велосипед со ознака „Зелени поздрави од Данска“ на министерот за надворешни работи Никола Попоски во знак на поддршка на намерата на Министерството за промовирање на велосипедизмот.





