Димовски: СП со ВМРО ДПМНЕ сѐ ќе стори да се исправи катастрофата за РМ и Македонците со Преспанскиот и Бугарскиот договор!

„Ние во Социјалистичката партија сметаме дека Македонија треба со Уставот да се врати на асномските темели на државата. Тоа значи дека државотворен народ во Македонија е македонскиот народ. Македонија е единственото парче простор, каде што македонскиот народ има своја држава, каде што треба навистина да го има правото на државотворност и на државност, како и секој друг народ. Социјалистичката партија во коалиција со ВМРО ДПМНЕ сака да ја врати надежта дека има некој што се грижи за државата и за народот, ние ќе направиме сѐ да ги исправиме сите оние катастрофално лоши работи, што се веќе случени. Сите малцинства во Македонија ги имаат истите граѓански права како Македонците, за сите имаме разбирање, но и другите етнички заедници треба во овие исклучително важни години за македонскиот народ да имаат разбирање за проблемите, со кои се соочува македонскиот народ и да му помогнат, да го поддржат, се да се надмине заедно.“ – нагласува Љупчо Димовски, претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, во одговорот на прашањето каква е позицијата на неговата партија околу условувањата за измените на македонскиот устав. Димовски даде интервју за весникот „Нова Македонија“, кое го направи Јасминка Павловска.



Во одговорот на споменатото и на другите прашања натаму Димовски изнесува: Предлозите за измена на уставот се неприфатливи за нас, како партија! Не станува збор само за избор на претседател на државата во Собранието, туку и за воведување нова функција – потпретседател на Републиката. Сето тоа би требало да биде изведено со гласање во Собранието, но со Бадентерово мнозинство. Така се гази демократијата во Македонија, затоа што граѓаните имаат право, како и обврска, на непосредни избори да го избираат шефот на државата, а не преку Собранието. Има условувања поврзани и со уставните измени: т.н. „бугарско прашање“ и статусот на албанскиот јазик. Претходно Уставот претрпе многу измени во согласност со Охридскиот рамковен договор. Тоа е сосема доволен показател за „црвено светло“ за следниве барања за уставни измени. Уставот не смее толку често да се менува.

Македонскиот устав, како и словенечкиот, по распаѓањето на Југославија, токму од ЕУ беше оценет како еден од најдобрите устави од државите, произлезени од бившите југословенски републики. Ако толку бил добар и прифатен од страна на ЕУ (според оцената на Бадентер), зошто ние сега речиси на секои две години интервенираме во Уставот со конкретни измени и што повлекуваат со себе сериозни последици?

НМ: Како гледате на условувањата со измени на Уставот во т.н. француски предлог, со почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ?

Љупчо Димовски: Неприфатливи се, зашто бугарските барања станаа дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Ние не преговараме со Софија за влез на Македонија во ЕУ, односно за започнување на преговарачкиот процес, туку преговараме со администрацијата во Брисел. Ние треба да ги исполнуваме критериумите на Брисел, но притоа да се раководиме според копенхашките критериуми, а таму не се содржани овие барања на Софија. Секоја земја членка на ЕУ дава изјава дека со своите соседи нема ниту едно нерешено прашање. Така беше и случајот со Бугарија. Тие пред да станат членка на ЕУ изјавија дека немаат проблеми со соседите. Сега излезе дека има проблем според нив. Ние, како Македонија, немаме проблем.

Ние би се согласиле за усвојување на барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав, но тоа да биде на база на заемност – и македонското малцинство во Бугарија да биде конститутивен елемент во бугарскиот устав. Ќе добиеме одговор дека тоа не е можно. Во тој случај и нашиот устав не е хартија, на која секој ден треба да се допишува нешто, ако од другата страна, што бара, не постои подготвеност за отстапка, или за заемност.

Освен тоа, го имаме и Бледскиот договор, според кој им беа овозможени широки права на Македонците во пиринскиот дел на Бугарија, каде што имаше и културни домови и училишта, каде што се учеше на македонски јазик. Но сето тоа денес го нема во Бугарија. Бледскиот договор регулираше и многу други прашања, кои сега се заборавени. Нашето внимание треба да го насочиме тука, а не на францускиот предлог со двата катастрофални протокола.

Не е проблематичен само Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, туку уште попоразителни за македонските национални интереси се и самите протоколи и нивната содржина, од кои произлегуваат обврските што ги има преземено македонската страна. И на крајот, како „круна“ на сето тоа е постоењето на онаа Историска комисија, од која буквално зависи сѐ, односно која е алатка за постојани условувања на Софија спрема Македонија во текот на преговарачкиот процес со ЕУ. Треба да се остане принципиелен и доследен во македонските ставови.

Ќе потсетам на една ситуација од февруари 2017 година. Пред формирањето на владата на СДСМ и ДУИ, која всушност ги направи најголемите отстапки и големото велепредавство со потпишувањето на Договорот во Нивици и овој Договор за добрососедство со Бугарија… Социјалистичката партија истапи со една сеопфатна платформа за заштита на македонските национални и државни интереси. Тој документ, на кој со текот на времето се придружија и видни македонски интелектуалци, им беше доставен на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ дали ги прифаќаат, или не поставените црвени линии во тој документ. Од ВМРО-ДПМНЕ добивме позитивен одговор, но од СДСМ дури и не бевме удостоени со одговор за толку сериозна тема.

Очекуваме дека новата влада, која ќе ја добие поддршката од македонските граѓани, ќе ја разбуди нивната надеж оти не е сѐ изгубено. Како коалиција сакаме да ја вратиме надежта дека има некој што се грижи за државата и за народот, дека ќе направиме сѐ да ги исправиме сите оние катастрофално лоши работи, што се веќе случени. За тоа ни требаат големо трпение, време, разбирање, енергија, знаење, но секако и меѓународна поддршка. Затоа ние треба да го шириме кругот на нашите пријатели, кои од надвор ќе нѐ поддржат во тоа, што го бараме. Нашите барања се праведни. Сите конвенции на Обединетите нации говорат дека ние имаме право на тоа, што ни е узурпирано од внатрешна домашна елита, која му нанесе катастрофални и несогледливи последици за македонскиот народ, неговите национални интереси, како и за државните интереси.

НМ: Како ќе настапите на претседателските и парламентарните избори?

Љупчо Димовски: Ние имаме стратегиски договор за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и сме составен дел од најголемата политичка коалиција во Македонија. Тоа е коалицијата „Обнова на Македонија“. Во 2005 година, нас нѐ поврзаа со ВМРО-ДПМНЕ истото гледиште, истите ставови по основ на македонските национални прашања. Нема никаква разлика, и тоа до ден-денес се потврдува дека сме донеле вистинска одлука – и ние, а секако и ВМРО-ДПМНЕ. Со текот на годините, таа врска што ја имаме воспоставено, тие односи сѐ повеќе се продлабочуваат – и по лична основа, на ниво на претседатели на партии, но и пошироко, затоа што веќе има една многу добра соработка помеѓу општинските организации и општинските комитети на терен.

Следниве избори, на 8 мај, се клучни за иднината на Македонија. Мора да си ја вратиме надежта и мора да создадеме услови за промени. Не можеме да очекуваме тие промени да ги донесат одредени луѓе, ако ја немаат поддршката од мнозинството граѓани. Секој треба да биде учесник во случувањето на тие промени. Тоа ќе се случи единствено со одење на избирачко место и заокружување на бројот на избирачкото ливче, за кој претходно се одлучил гласачот. Уверени сме дека најголемиот број граѓани ќе ни ја дадат нам довербата. Македонија мора да продолжи да се развива, да живее демократски живот, да ја збогати својата демократија, да ги подобри условите за живеење во државата…