Откако премиерот Заев најави дека очекува предлози за името од медијаторот Нимиц до крајот на годината министерот за надворешни работи откри дека тогаш ќе започне нова рунда преговори со Грција.
Тоа било договорено со грчкиот колега Никос Коѕиас на средбата во Скопје пред десетиан дена.
„За време на посетата на грчкиот министер Никос Коѕиас, минатата среда во Скопје, ги дискутиравме мерките за градење доверба. Сè уште не ги почнавме преговорите. Тие ќе почнат дефинитивно пред крајот на годината. Јас го правам она што мислам дека треба да биде работа на дипломатите: решавање на проблеми, отворање врати и создавање пријатели. Можеби не можеме да ја смениме историјата, но сигурно можеме да се обидеме да влијаеме на иднината и да го направиме животот подобар за нашите граѓани денес. Тоа е нашата цел“, вели Димитров во интервју за Дојче Веле.
Според најавите од Грција идната година 2018 може да биде клучна за решение на спорот за името иако дел од аналитичарите во оваа земја сметаат дека поради парламентарните избори во Грција и претседателските во Македонија на почетокот на 2019-та спорот за името ќе се решава по април истата година.





