Новото прекројување на државната каса ќе обезбеди повеќе пари за повисоки плати и пензии. Дупките ќе се крпат, ќе боидат пополнети, скратени ќе се сите непродуктивни трошоци, пренамена на средства – власта успеа да обезбеди повеќе пари за граѓаните, и за бизнисите. Објавен ребалансот на буџетот. Приморана беше да ги зголеми расходите за 350 милиони евра на 5,85 милијарди евра, приходите ќе изнессуваат 5,1 милијарди евра, а дефицитот се продлабочува од 545 милиони евра на 730 милиони евра или 4,9% од БДП. Јавниот долг ќе мора да скокне од сегашните 62 на 68,2% од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска презентирајќи го ребалансот на буџетот за 2024 кој помина на владина седница, рече дека за исплата на плати, имало пари само до јуни. Алармираше дека претходната власт оставила катастрофална состојба. Според неа, поради непланирани трошоци, буџетот е оштетен со над 500 милиони евра.

- „Ова година нема да имаме проблем, но на 25 јануари доспева за наплата еврообврзница од 500 милиони евра. Ќе ги разгледаме сите опции за задолжување. Нема да бидеме среќни ако мора да издадеме еврообврзница, затоа што каматите се високи. Ќе видиме дали може да обезбедиме уште пари по поволни услови од Унгарија, а да легнат во јануари 2025 година“ – рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката рече колку што е можно биле кратени пари кои се спланирани за буџетите на институциите, но и кај капиталните
инвестиции кои не биле реализирани. При подготовка на ребалансот се распределиле пари од ставки со слаба реализација и при тоа се обезбедени околу 325 милиони евра.

Министерката рече дека со новите проекции се намалува проекцијата на растот, бидејќи првично проектираниот БДП е неостварлив.
Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5%, а растот на нето платата за 13%. Во однос на заемот од Унгарија, министерката рече дека тој веќе е планиран во сегашниот буџет каде што се предвидени 500 милиони евра за покривање на доспеани долгови. Со ребалансот, буџет ќе тежи 5,8 милијарди евра.
Министерката вели дека претходната Влада целосно ги промашила проценките за раст на економијата кога првично го креирала буџетот. Растот кој сега се очекува не е 3,4% туку 2,1%. Владата очекува тој да се заснова на поголемото трошење на домаќинствата и инвестициите на фирмите, со негативен придонес на нето извозот. Инфлацијата до крајот на годината ќе изнесува 3,5%. Прекроениот буџет веќе е доставен до Парламентот.





