Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитриевиќ од денеска и официјално е нов член на трикратниот европски шампион Олимпија Милано, за кој 26-годишниот бек-шутер потпиша договор до крајот на сезоната 2025/2026 и наесен со италијанскиот тим ќе игра во Евролигата.
„Многу сум среќен и благодарен што сега сум дел од овој историски клуб. Возбуден сум поради можноста да бидам дел од историјата на Олимпија и ќе се обидам да му помогнам на тимот да освои, се надевам, важни трофеи. Едвај чекам да започнам, ќе се видиме сите наскоро“, порача засилувањето на клубот познат и по спонзорот „Емпорио Армани“.
Репрезентативецот на Македонија имаше две брилијантни сезони во регионалната руско-белоруска ВТБ-лига, каде што во првата, како зајмен играч од Валенсија, го водеше Уникс Казан до титулата и беше прогласен за МВП на плејофот. Во минатата, пак, беше избран за најдобар играч во основниот дел од лигата со просек од 18,2 поени, 7 асистенции и реализација од 42,1 отсто на ударите за тројка, но Уникс, иако ја заврши лигата на првото место, во финалето од плејофот загуби од ЦСКА Москва.
Популарниот Нено кариерата ја почна во 2016 година во шпански Жовентут од Бадалона, каде што помина пет години.
Покрај трите трофеи од Евролигата, Олимпија Милано има и еден од Интерконтиненталниот куп, три од Сапорта купот, два од Купот Радивој Кораќ, како и 31 титула италијански шампион на Италија, осум Купа на Италија и четири италијански Суперкупови.






