Десетици илјади Словаци бараат прекин на врските со Русија

Под слоганот „Словачка е Европа“, протестирајќи против ставот на премиерот Роберт Фицо кон Русија, протести вчера се одржаа во 50-на градови .



Демонстрантите го обвинуваат левичарскиот националистички премиер Фицо дека зазема проруски став и не покажува солидарност со Украина.

Владата ги отфрла овие тврдења како лага и за возврат го обвинува протестното движење за непочитување на демократските изборни резултати и заговор за државен удар.

Демонстрантите со транспаренти и скандирања бараа оставка од Фицо и инсистираа веднаш да се прекине секоја соработка со Русија.

Тие го обвинија премиерот дека соработува со автократи и дека се обидува да ја претвори Словачка во автократија.

Фицо и членови на словачката влада неодамна отпатуваа во Русија, Азербејџан и Турција. Во декември, Фицо се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, што предизвика особен бес.

Владата ги оправда овие патувања со тврдењето дека нивните дипломатски напори обезбедиле континуирано снабдување со гас за земјата.

Словачкото општество станува се пополаризирано, а противниците на Фицо тврдат дека тој планира да ја повлече земјата од ЕУ и НАТО алијансата, пишува dpa.