Десетици илјади Бугари во Албанија изброи бугарски ексамбасадор

Боби Бобев, некогашен амбасадор на Бугарија во Тирана, смета дека во Албанија живеат неколку десетици илјади Бугари.



„Тешко е да се зборува за големината на оваа популација, поделена помеѓу бугарската и македонската етничка припадност, иако понекогаш се спомнуваат и неколку стотици илјади. Веројатно при следниот попис на населението во Албанија во 2021 година, кога првпат ќе има опција за изразување бугарска национална припадност, ќе се добие појасна слика. Според мое мислење, има неколку десетици илјади луѓе, но секое прецизирање во моментот може да значи злоупотреба на реалноста“, изјави за весникот „Стандарт“ бугарскиот амбасадор во Албанија од 1998 до 2006 година.

„Станува збор за население што живее во три географски региони – Мала Преспа (околу Корча и Преспанско Езеро), каде што доминираат православни христијани, Голо Брдо, во планините околу градот Либражд, во близина на границата со Македонија, каде вероисповеста е мешана, но преовладува исламот, како и Кукската Гора на север, каде што главно живеат муслимани. Во услови на тоталитарниот режим луѓето биле речиси закрепостенни во своите села во споменатите области, но по 1990 година има значителна миграција и денес претставници на тоа малцинство живеат во Елбасан и Корча, во Тирана и Драч, практично, насекаде во земјата. Зборуваат на архаичен бугарски јазик, многу поразличен од современиот официјален јазик во Македонија“, смета историчарот вработен во Институтот за балканистика при Бугарската академија на науките.

Бобев нагласува дека надворешната политика на Бугарија повеќе од 20 години работела на признавањето бугарско малцинство во Албанија, која, според него, досега одбивала да го стори тоа за да не ги загрози интересите на големиот процент Албанци во Македонија.