Денеска ќе биде објавено кога ќе биде погребан папата Франциско

Ватикан утрово ги објави првите фотографии од телото на папата Франциско. Папата Франциско беше положен во едноставен дрвен ковчег, со бројаница во рацете, митра на главата и облечен во црвена литургиска одежда, ден откако почина од последиците од мозочен удар во неговиот стан во Каза Санта Марта.



До неговиот ковчег се швајцарската гарда и кардиналот Пјетро Паролин.

Телото на папата Франциско се уште се наоѓа во Каза Санта Марта, каде што тој се опоравуваше откако помина повеќе од еден месец во римската болница Гемели поради билатерална пневмонија.

Според планот, утре, 23 април, среда, телото ќе биде преместено во базиликата Свети Петар за да можат верниците да им оддадат почит.

Точниот датум на погребот ќе биде објавен денеска.

Погребот на папата Франциско треба да се одржи меѓу петок, 25 април и недела, 27 април, а точниот датум ќе биде потврден денеска на првата генерална конгрегација на кардинали во Рим.

Во согласност со сопствените желби изразени во тестаментот, папата Франциско ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре.