Европскиот парламент (ЕП) денеска ќе гласа за изборот на актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за втор петгодишен мандат на таа функција.



Фон дер Лајен првично ќе се обрати на сесијата на ЕП во 9 часот и ќе ја претстави својата визија и планови за следните пет години, по што ќе следи дебата со членовите на ЕП.

По дискусијата, европратениците во 13 часот треба да гласаат за нејзината кандидатура за нов мандат на чело на Комисијата.

Гласањето ќе биде тајно, а за да биде избран Фон дер Лајен мора да ја добие поддршката од апсолутно мнозинство пратеници, односно најмалку 361 од вкупно 720 пратеници.

Гласањето во ЕП доаѓа откако лидерите на ЕУ ја поддржаа кандидатурата на Фон дер Лајен за втор мандат како претседател на Европската комисија на крајот на јуни.

Фон дер Лајен беше водечки кандидат за претседател на Комисијата на Европската народна партија, која освои најмногу гласови на изборите за ЕП, одржани од 6 до 9 јуни годинава.

Лидерите на ЕУ ја назначија за нов мандат откако трите групи во ЕП, Европската народна партија, социјалдемократите и либералите се договорија за пакет водечки позиции во ЕУ.

Европскиот парламент мора да ја потврди нејзината кандидатура за да биде избрана.

Доколку не гласаат доволно европратеници за неа, лидерите на ЕУ мора да предложат нов кандидат за претседател на Комисијата во рок од еден месец.