Денес се отвора новата градинка во Тетово за 165 деца, изградена со 705 илјади евра од ЕУ и 100 илјади од буџетот на РМ

Нова градинка „Рилиндја“ при Јавната установа „Младост“ ќе биде отворена денеска во Тетово, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади. По повод отворањето на градинката најавени се обраќања на ресорниот министер Фатмир Лимани, амбасадорот на ЕУ во Република Македонија Михалис Рокас, градоначалникот на Тетово Билал Касими и директорката на Јавната установа „Младост“ Фатлинда Јаја.

Отворањето на градинката ќе овозможи влез на нови 165 деца на возраст до 6 години во предучилишниот процес. Изградбата е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика“ со вкупен буџет од околу 805 илјади евра, од кои Европската Унија финансираше со околу 705 илјади евра, а државата Македонија учествуваше со околу 100 илјади евра од националниот буџет. За нормално функционирање на новата градинка се обезбедени и вработувањата на 29 лица.