Денес во 11 часот во Собранието на Република Македонија ќе почне седницата, на која пратениците ќе расправаат за изборот на новата Влада на Република Македонија, 20-та по ред од прогласувањето на нејзината независност. Мандатарот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски го достави изминатава среда до Собранието на Македонија предлогот за состав на Владата и програмата за нејзината работа. Деловникот на Собранието пропишува дека може седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена. Со изгласувањето на новиот владин кабинет во Собранието Христијан Мицкоски ќе биде 13-от премиер на Република Македонија од изгласувањето на нејзината независност.
На почетокот на седницата мандаторот Мицкоски ќе ја образложи програмата и предлогот за состав на Владата, по што почнува расправата во Собранието. Како што тој веќе кажа, коалицијата на ВМРО ДПМНЕ со Вреди и ЗНАМ се обединува врз четири столба. „Првиот е најважен – борба против криминалот и корупцијата. Вториот е подобрување на стандардот на граѓаните, односно економската состојба во целина. Третиот столб е забрзување на евроинтеграциите на Македонија како држава. Четвртиот е рамномерниот развој, забрзувањето на децентрализацијата.“ – нагласи Христијан Мицкоски.
Гласањето за избор на Владата се врши со јавно гласање според предлогот за состав на Владата во целина. Гласањето се врши по завршување на претресот најдоцна во недела на полноќ. Владата е избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го известува претседателот на Македонија за изборот на Владата.
Новата Влада што ја предложи Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 министри, од кои 20 со ресор. Во владиниот кабинет на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен како министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија сегашниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска-Димитриеска. Како заменик-претседател на Владата и министер за транспорт е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николоски. Во Министерството за одбрана е предложен Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик-министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, досегашен шеф на кабинетот на Мицкоски.
Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, сегашен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.
Позиции потпретседатели на Владата ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП, ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоилковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите ќе биде задолжен за вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор, задолжен за интеграција и спроведување на „Декадата на Ромите“.
Како министер за животна средина и просторно планирање и заменик-претседател на Владата е предложен Изет Меџити, лидер на Демократското движење, од коалицијата Вреди, како министер за здравство Арбен Таравари, лидер на Алијансата за Албанците, министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија Бесар Дурмиши. За министер без ресор и заменик -претседател на Владата, задолжен за добро владеење, е предложен Арбен Фетаи. Како министер за правда е предложен Игор Филков, додека за министер за јавна администрација Горан Минчев од движењето ЗНАМ.





