Денес започнува седницата на Европскиот парламент – расправа и за надворешната и одбранбена политика на ЕУ, како и за безбедноста

Главните прашања кои ќе бидат разгледувани на седницата на Европскиот парламент оваа седмица во Стразбур ќе бидат предизвиците, со кои се соочува ЕУ, нејзината надворешна и одбранбена политика, безбедноста и подготвеноста, како и прашањата поврзани со индустриите за челик и метали, енергијата и Унијата за заштеда и инвестиции. Пленарната седница ќе започне денес попладнето со дискусии за Предлог-буџетот на ЕУ за 2026 година, за Европскиот културен компас, за академската слобода на европските академици и истражувачи во САД, како и за демократскиот плурализам и зајакнување на интегритетот, транспарентноста и антикорупциските политики во блокот.

Утре седницата ќе почне со дискусија за заклучоците од Самитот на ЕУ, одржан на 20 март, во чии рамки европратениците ќе разговараат со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула Лаен за предизвиците со кои се соочува Унијата, поврзани со конкурентноста, одбраната и безбедноста, состојбите во Украина и на Блискиот Исток, Повеќегодишната буџетска рамка за по 2027 година, како и со миграцијата и мултилатерализмот. По ова, ќе следи и дебата за „руските воени злосторства во Украина“ и поддршката за Киев во „остварувањето на правдата“, за „Царините за увоз на одредени производи по потекло од САД“ и други теми и прашања.

Во попладневниот дел од седницата европратениците со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе дискутираат за заедничките цели за надворешната, одбранбената и безбедносната политика на Унијата за 2025 година. Се очекува тие да побараат зголемување на инвестициите во европскиот одбранбен сектор, зајакнување на воената и политичката поддршка за Украина, поголемо присуство на блокот на Блискиот Исток и за засилување на поддршката на земјите опфатени со процесот на проширување. Од оваа дебата треба да произлезе резолуција, по која европратениците ќе гласаат в среда. После ова, на седницата ќе се дебатира за подобрување на безбедноста и подготвеноста на ЕУ, во чии рамки Европската комисија пред европратениците ќе ја претстави својата Стратегија за внатрешна безбедност, како и планот за изградба на „Унија на подготвеност“, со цел подобра координација при одговор на кризи, заштита на основните услуги, складирање на критични материјали и подобрена соработка меѓу цивилниот и воениот сектор.

На вечерното продолжение на утрешната сесија ќе се одржат дебати за подобра имплементација на кохезивната политика на ЕУ, за заштита на демократските медиуми, како што е Радиото Слободна Европа, за состојбата со демократијата во Турција поврзана со апсењето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу, за нападите врз христијаните во Демократска Република Конго и за случувањата во Појасот Газа, при што се очекува европратениците да повикаат на итна обнова на прекинот на огнот и на продолжување на ослободувањето на израелските заложници од страна на Хамас. Во среда претпладне ќе се одржи клучната дебати на овонеделното заседание на Европскиот парламент, посветена на новиот Акциски план на Европската комисија за челикот и металите и за енергетски интензивни индустрии. По неа ќе следи и расправа за напорите под покровителство на ОН за продолжување на преговорите за решавање на кипарскиот проблем.

Во терминот предвиден за гласање, меѓу другото, европратениците ќе треба да се изјаснат за насоките за буџетот на ЕУ за 2026 година, за Договорот за соработка помеѓу Европравда и властите на Босна и Херцеговина за кривични прашања, за годишните извештаи за 2024 година за имплементација на заедничката надворешна и безбедносна политика и на заедничката безбедносна и одбранбена политика и за состојбата со човековите права и демократијата во светот и за резолуциите за зголемување на безбедноста на личните карти на граѓаните на Унијата и за енергетски интензивните индустрии. По гласањето ќе се одржат тематски дебати за животниот стандард, заштитата на работните места, платите и здравјето на жителите на ЕУ, како и за „закани по основните права во Унгарија“ во контекст на „неодамна усвоените законски измени и нивното влијание врз основните права“.



После ова, попладневниот и вечерниот дел од сесијата европратениците ќе расправаат за улогата на трансевропската транспортна инфраструктура, за Европскиот пакт за океаните, за резултатите од неодамнешните преговори за биолошка разновидност во Рим, за спроведувањето на стратегиите на ЕУ за Ромите и за борбата против дискриминацијата, како и за прекршувањата на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Камерун, Иран и Белорусија.
На последниот ден на овонеделната сесија на Европскиот парламент, во четврток, ќе се одржат дебати за Европскиот акциски план за ретки болести, за воспоставување на Европски ден на праведните, за 110-годишнината од „ерменскиот геноцид“ и за заштита на пациентите од ЕУ во странство. Во четврток европратениците ќе гласаат за резолуции за Камерун, Иран, Белорусија и ДР Конго, како и за проценките на приходите и расходите за финансиската 2026 година.

Македонска информативна агенција – МИА