Ден кога Мурато стана бесмртен како прв Македонец на Монт Еверест

На денешен ден пред 35 години тогаш 35-годишниот битолчанец Димитар Илиевски-Мурато со златни букви се запиша во македонската не само спортска историја како прв Македонец што се искачил на највисокиот врв во светот Монт Еверест.



Откако стана 264. освојувач на врвот на Хималаите висок 8.848 метри, тој не се врати во ниту еден од камповите и официјално се води за исчезнат.

По стапнувањето на „покривот на светот“ на 10 мај 1989 година околу 18 часот по локално време, Мурато ги развеа знамињата на тогашните СФР Југославија и СР Македонија.

Заедно со Диме, на врвот истиот ден се искачија и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8.200 метри.

Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична кондиција, често пати правејќи патека во снегот и пред шерпасите.