Франција гласа на еден од најзначајните избори во изминатите години, при што екстремната десница се надева на историска победа.



Но навлегување на земјата во политички ќор-сокак е поверојатени исход од денешниот „Ден Д“ за Франција.

Ова е првпат антиимиграцискиот Национален собир (RN) на Марин Ле Пен и Џордан Бардела да има реални шанси да управува со владата и да преземе целосна контрола врз Националното собрание.

Но, по победата на RN во првиот круг на предвремените парламентарни избори минатата недела, стотици ривалски кандидати се откажаа за да им дадат на другите поголеми шанси да ја победат крајната десница, пишува Би-Би-Си.

Без оглед на резултатот, тешко е да се види како претседателот Емануел Макрон излегува од оваа ситуација која самиот ја предизвика.

Пред четири недели, тој свика предвремени избори како одговор на победата на RN на европските избори, и само неколку минути откако 28-годишниот лидер на партијата, Џордан Бардела го предизвика да го стори тоа.

Изборите во два круга дојдоа како шок за земјата која се подготвува за почеток на Олимписките игри во Париз на 26 јули.

Обезбедувањето веќе беше засилено и сега 30.000 полицајци се распоредени во период на зголемена политичка тензија.

Има стравувања од насилство во Париз и другите француски градови, без разлика на исходот од гласањето, а планираниот протест пред Националното собрание во недела навечер е забранет.