Деловен појадок на Македонско-германското стопанско здружение со премиерот

Повеќе од 100 менаџери на германски, македонски и други интернационални компании кои се лидери во стопанството во земјава учествуваа на деловниот појадок со премиерот Христијан Мицкоски што го организираат Делегацијата на германското стопанство АХК, дел од мрежата на германските комори во странство, и Македонско-германското стопанско здружение.



Германските инвеститори во Македонија се задоволни од деловната клима во земјава во последниве неколку месеци. Тие денеска остварија деловен појадок со премиерот Христијан Мицкоски. Од германското стопанско здружение велат дека нивен приоритет во иднина ќе биде да се мотивираат германските инвеститори да дојдат во Македонија, а постоечките да ги прошират своите вложувања овде. Дополнителни можности за соработка има и во делот на наоѓање добавувачи, македонски фирми од преработувачката индустрија.

  • Она што е многу важно за нас е изградбата на синџирите на добавувачи. Има многу квалитетни македонски компании кои можат да станат добавувачи на германските компании. Имаме компании кои работат во металопреработувачката индустрија за производство на челик и сметаме дека овие компании можат да конкурираат како фирми добавувачи на германскиот пазар“ – вели Антје Ванделт – Македонско-германско стопанско здружение.

Германските инвеститори пред неколку години ја оценија работата на претходната Влада со нула. Сега се задоволни од разговорите и деловниот амбиент кој се подобрува во Македонија. Германија е наш најголем трговски партнер. Двете земји имаат економска размена која надминува 5 милијарди евра.

Настанот го отвори директорката на АХК, Антје Ванделт, потоа се обрати претседателката на Македонско-германското стопанско здружение, Мирјана Симоновска Ќука, а премиерот Мицкоски говореше за економските и финансиските политики на Владата.

На бизнис-панелот присуствуваа и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, директорите на ТИРЗ Гоце Димовски, на УЈП Елена Петрова и на Царинска управа Бобан Николовски.