Дел од маркетите лепат нови цени – тропа ли на врата ново поскапување на храната?!

Лебот, млекото, јајцата, брашното, јогуртот, маслото за јадење од сега ќе се продаваат без ограничени маржи. Заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20 февруари. Со ова, трговците повторно имаат слобода да ги одредуваат цените на повеќе од 1.000 производи. За 1 Мај не работеа, ама од денеска трговците слободно можат да ги формираат цените, откако заврши ограничувањето на маржите од 5% со кои се продаваа производи опфатени во 102 групи производи.



Граѓаните со поделени ставови. Едни тврдат дека дел од трговците веќе залепиле нови, повисоки цени, а други, дека барем за сега цените се исти.

Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците. Секоја манипулација, според премиерот, ќе се казнува. Мицкоски ја оцени мерката како успешна и уверува дека нагло поскапување ќе нема.

  • „Такви трикови ние нема да дозволиме да се случат. Можеби некој да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи бидејќи лично разговарав и со министерот и со директорот на пазарниот инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите. Да видиме да не има при влезните фактури исто така трикови, не само оние што ги продаваат на своите рафтови во дуќаните. Нема да се дозволи тоа“, рече Христијан Мицкоски.

Од Државниот пазарен инспекторат потврдија дека во следниот период ќе се врши мониторинг кај производителите, увозниците, дистрибутерите и маркетите.

Мерката за ограничување на маржите стартуваше на 20 февруари, а заврши на 30 април. Опфатени беа 102 групи производи, со ограничување на маржите од 5 до 15%. Откако се замрзнаа цените и маржите, трошоците за храна и пијалоци бележат континуиран пад за 2.000 денари.