Дедиер: Од сите европски народи само Македонците можат да опстанат со своите изворни својства, оти имаат силно национално чувство и фолклор!

Владимир Дедиер: „Од сите европски народи само македонскиот народ има шанси да опстане како етникум со сите свои изворни својства,затоа што има силен и богат фолклор и чувство за национална припадност, која ја изразува преку својата музика, уметност, поезија и литература… … многумина беа истражиле, па констатираа дека ниту еден балкански, а уште помалку европски народ, нема испеано толку многу песни за својата земја како Македонците.“ На овој поодамнешен став на Владимир Дедиер за македонскиот народ и за неговата чувства и приврзаност кон сопствената татковина Македонија потсети на својот фејсбук профил д-р Наташа Котлар, универзитетска професорка во Институтот за национална историја и директорка на Историскиот архив на Македонија. Инаку, Владимир Дедиер (4.2.1914-30.11.1990) е југословенски политичар, академик, писател, новинар и партизан – народен херој од Втората светска војна.



Објавата на Наташа Котлар на општествената мрежа предизвика голем број позитивни реакции. Нејзиниот колега историчарот-архивист Бранислав Светозаревиќ искоментира: „Апсолутно точен факт!“  

Сликарот и балетски уметник Сократ Лафазановски, инаку по потекло од селото В’мбел, Костурско, во Егејска Македонија, на фејсбук во својата реакција истакна: „Нема друг народ како македонскиот, достоинствен, со љубов, кој создава и твори, а другите народи на Европа се создадени и описменети од родот македонски. Македонскиот народ е специфичен во севкупното човеково творештво и единствен во светот, кој искажа такви културни, историски и цивилизациски дострели, подарувајќи му на светот непроценливо големо наследство.“

Меѓу другите реакции на јавноста на фејсбук се и следниве:  

„И се уште пее и се твори за Македонија.“

„Македонските ора и песни се во нас! Тие кажуваат за нас!“

„Вистинската историја на Македонија може да се согледа преку нашите песни, кои за  немилосрдно се крадат и се присвојуваат од нашиот татарски сосед како свои, бидејќи неговите оригинални песни веќе не се ни разбирливи и за самите нив.“