Двајца од тројца етнички Македонци не се согласуваат со промена на името на Република Македонија како услов за членство во НАТО, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата Брима, кое беше спроведено од 27 ноември до 1 декември по барање на порталот МКД.мк.
Точно 67,1 проценти од Македонците одговориле негативно на тоа прашање, 12,9 отсто не се за зачленување во Алијансата без разлика на условите, а 15,6 отсто се согласуваат. Кај Албанците, пак, одговорите на ова прашање се дијаметрално спротивни: 81,4 проценти се согласуваат, 7,2 отсто се против, а 1,5 отсто не сакаат членство во НАТО. Земени заедно сите испитаници без оглед на националната припадност, 49 проценти од нив не прифаќаат промена на името за влез во НАТО, а 10,3 отсто се против зачленување во Алијансата воопшто, наспроти 35 отсто „за“ и по цена на името.
На прашањето „дали би се согласиле доколку како решение за проблемот со името се понуди: уставното име Република Македонија да остане за домашна употреба, за членство во меѓународни организации да се употребува меѓународното име БЈРМ (FYROM)“ Македонците се уште порешителни: 68,1 проценти не се согласуваат, а 27,3 отсто се согласни. Спротивно е кај Албанците: 71,3 проценти се согласуваат, а 7,2 отсто не. Од вкупниот број анкетирани без оглед на етничката припадност, пак, за 53,3 проценти тоа е неприфатливо, а за 40,2 отсто да.
Од Македонците 61,3 проценти не се согласуваат решението за проблемот со името да се донесе во Собрание и во другите државни органи, наспроти 29,2 отсто согласни. Кај Албанците 77,2 проценти би прифатиле, а 11,9 отсто не. Вкупно, пак, 46,7 проценти се согласуваат, а 43,6 отсто не.
Во однос на референдумот како последен филтер за спорот со името, 58,9 проценти Македонци се „за“, а 19,3 отсто против, наспроти 64,1 проценти Албанци „за“ и 15,8 отсто против. Од вкупниот број испитаници 60,4 проценти се согласуваат за плебисцитарно изјаснување, 18,4 не, а 14,2 отсто не се за референдум, односно не прифаќаат никаква промена на името.





