Две лица загинаа, а тројца се повредени утрово во Цетиње, Црна Гора, откако недалеку од тамошниот Спортски центар била активирана експлозивна направа, потврди црногорската полиција.



Експлозијата се случила околу 9 часот и 10 минути, а од силината на експлозијата пукнале стаклата на зградата на Спортскиот центар.

Според неофицијални информации на Vijesti.me, убиени се членовите на озлогласениот криминален шкаљарски клан Петар Калуѓеровиќ и Драган Рогановиќ.

Еден од нив починал на лице место. Според извор од врвот на Полициската управа, вториот потоа им подлегнал на повредите.

Според црногорските медиуми, еден од убиените неодамна бил пуштен од затвор.

Медиуми дознаваат и дека меѓу повредените се Тасо Јовановиќ и Михајло Борозан од Цетиње.
Според податоците на оперативната полиција, двајцата повредени се и членови на организираната криминална група Шкаљарски клан.

Третото повредено лице е постара жена од Цетиње, која во моментот на експлозијата минувала низ таа улица.

Војната меѓу двата најголеми криминални клана во Црна Гора, Шкаљарски и Кавачки клан, започна пред 10 години со исчезнувањето на пратката од 200 килограми кокаин во Валенсија, Шпанија.

Оттогаш, повеќе од 60 луѓе се убиени.

Двајцата водачи на тие два криминални клана Игор Вукотиќ и Радоје Звичер се во бегство.