На 12 април 2012 година, тогаш Велики Четврток за православните христијани, на брегот на Смилковското Езеро беше извршено едно од најгрозоморните убиства во поновата историја на Македонија, во кое згасна животот на петмина Македонци.
Убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани, и тоа Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените. Обдукцијата врз убиените покажа дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.
Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.
Поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, пред да дојде на власт во 2017 година тврдеше дека „во затвор лежат невини луѓе“, на што таткото на убиениот Наќески реплицира дека „Заев е поголем монструм од убијците“.
На 15 септември 2023 година Врховниот суд ги одби како неосновани жалбите на обвинетите за случајот „Монструм“ и ја потврди во целост пресудата на скопскиот Апелациски суд од 31 март 2022 година.
Во меѓувреме, иако неодамна беше уапсен на Косово, Алил Демири, осудениот на доживотен затвор во Македонија, беше пуштен од тамошните власти и повторно не беше екстрадиран.






