Во Скопје и во Ротимље, БиХ, денеска ќе биде одбележана 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски кој заедно со членови од неговиот Кабинет загина во авионска несреќа во близина на Мостар.



Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.

Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

На гробот на Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел, како што е најавено, цвеќе ќе положи претседателот на државата Стево Пендаровски. 

Исто така, вечерва со почеток во 20:30 часот во Национална опера и балет ќе се одржи комеморативен настан, на кој свое обраќање ќе има претседателот Пендаровски.

Претставник на Кабинетот на претседателот ќе присуствува и на церемонијата на одбележување на годишнината пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље, Босна и Херцеговина, како дел од државната делегација.