Четиримесечно новороденче од Гевгелија и новороденче од Гостивар починале денеска на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести во Скопје. Првото било со респираторен инфект и тежок малформативен синдром со засегнувања на повеќе органи – срце, белите дробови, а второто е донесено на Клиниката во тешка здравствена состојба и веднаш било ставено на респиратор, но починало.



„Ние докторите и покрај тоа што имаме можности од опрема и знаење не секогаш можеме се да излечиме. Се случува деца и да починат. Тоа се тешки случаи кои престојуваат во интензивна нега на машини. Голем дел од нив преживуваат со овие можности и со несебичната заложба на докторите и на сестрите, но не секогаш тоа е возможно“ рече директорката на оваа установа Катарина Ставриќ.

Таа вели дека новороденчето од Гевгелија од самото раѓање е донесено на Клиника со проблеми, престојувало на интензивна и тогаш стартно, било на респиратор. Со подобрување на состојбата, посочи таа, е пренесено на Одделот за интензивна нега.

„Основниот проблем е што преградите во носот биле затворени и било отежнато дишењето. Тоа е решено, меѓутоа по стабилизирање на состојбата детето е пуштено дома. Има уште еден краткотраен престој повторно поради некоја цијаногена криза која ја направило. Кратко престојувало на Клиниката во јуни и на 28 август била третата негова хоспитализација. Донесено е со еден респираторен инфект, значи при самата постапка при прием е дојдено до влошување на состојбата поради што веднаш е префрлено на Одделот за интензивна нега и терапија каде е поставено на респиратор“ истакна Ставриќ.

Таа посочи дека помалку од два дена новороденчето имало престој во тешка состојба, за цело време на респиратор, но, како што појасни, и покрај сите заложби и терапевски процедури кои се преземени, сепак завршило со лош исход.

Инаку, ниту денешниот ден не помина без партиски препукувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој тоа кој е поголем виновник за лошата состојба во здравството. Според светските анализи, Македонија се наоѓа на врвот на листата на земјите со најголема смртност на новородени бебиња.