Два меча суспензија за Даку од УЕФА за пцуењето на Македонците, ја пропушта Шпанија

Телото на УЕФА за контрола, етика и дисциплина (ЦЕДБ) донесе одлука да му забрани настап на два натпревара на фудбалскиот репрезентативец на Албанија, Мирлинд Даку, кој по натпреварот со Хрватска на Европското првенство во Германија ги поттикна преку мегафон албанските навивачи да скандираат пцуење на Македонците.



„ЦЕДБ реши да го суспендира играчот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Мирлинд Даку, на вкупно два (2) репрезентативни екипни натпревара на УЕФА, за кои инаку би имал право да игра, поради непочитување на општите принципи на однесување, поради кршење на основните правила за пристојно однесување, за користење спортски настан за манифестирање неспортски карактер и за омаловажување на фудбалскиот спорт“, се вели во одлуката на „дисциплинците“ на европската куќа на фудбалот за напаѓачот на Албанија.

Одлуката подразбира дека Даку нема да биде во составот на селекторот Силвињо за вечерашниот дуел со Шпанија од последното коло од прелиминарната фаза по групи, ниту во евентуалниот настап на Албанија во осминафиналето.