Дачиќ: Народот во Македонија не мисли како Владата за Косово

Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека давањето предност на Приштина при признавањето на Косово и при гласањето за негово членство во УНЕСКО е „одредена политичка порака“ од Скопје, но и оти „народот во Македонија не мисли така“.



„Тоа го реков и порано, повеќе пати досега, сега зборувам за интересите. Ако ние имаме интерес да бидеме на страна на Македонија, односно на Скопје, тогаш така би требало да се однесуваме. Но, ако од друга страна ја имаме Грција, која ни е пријателска земја и која не го призна Косово, ако ја имате подоцна македонската Влада, која го призна Косово, ако имате дека гласаа за Косово во УНЕСКО итн., јас длабоко би ги следел нивните постапки и би се однесувал адекватно на нивното однесување“, изјави тој во интервју за Радиотелевизија Војводина.

На констатацијата дека „тоа ‘адекватно однесување’ значи Србија да ја промени одлуката, за Србија засега Македонија е Македонија“, шефот на српската дипломатија со лаконски одговор.

„Како што одат работите, таа одлука секако ќе мораме да ја промениме, ако се дојде до договор за ново име. Тоа е мој став – јас не можам да донесам таква одлука – но сакам да кажам дека Србија треба да се почитува самата себе. Не треба да напаѓа други, не очекувам другите бивши југословенски републики нас да нè сакаат повеќе од себе, но ако некој проценува, ако нас нè цени во однос на Приштина и ѝ дава предност на Приштина, тогаш сигурен сум дека тоа претставува одредена политичка порака. Не мислам дека народот така мисли во Македонија“.