Дачиќ му ветил на Аманатидис: За Србија сме ФИРОМ во меѓународни организации

Повеќе грчки медиуми јавуваат дека Србија во меѓународните организации ќе ни се обраќа со референцата од Обединетите Нации „Поранешна Југословенска Република Македонија“.



Според извештаите на грчките медиуми оваа нова српска позиција на средба со грчки претставници во Белград ја најавил српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ .

Во информацијата од Белград која што ја јавуваат грчките медиуми се вели дека  Србија која што ја признава Македонија под уставното име, оваа промена ја прави поради влошените односи меѓу двете земји во последниве 2 години.

Дачиќ  според грчките медиуми изјавата ја дал за „Атинската новинска агенција“ по средбата со заменикот грчки министер за надворешни работи Јанис Аманатидис кој што го придружува претседателот на Грција Прокопис Павлопулус за време на официјалната посетата на Србија.

За време на посетата на Србија Павлопулос најави дека нема влез за Македонија во ЕУ и НАТО без откажување од македонскиот идентитет и порача дека грчкиот карактер на Македонија е неспорен.